Чист дом за вас и вашите миленици
Неколку општи совети
Чистењето на нередот што го создаваат домашните миленици е слично како и вообичаеното чистење – колку побрзо ќе почнете, толку помалку време ќе ви одземе. Ова е особено точно во слуачите кога вашиот миленик ќе создаде „несреќен случај“. Ако веднаш не го исчистите вирчето или купчето измет, многу лесно може да се случи вашиот миленик да згазне и да ја разнесе несаканата материја низ целиот стан. Тоа сигурно нема да ви го направи чистењето полесно. Брзото чистење може да спречи создавање дамки и потенцијални непријатни мириси, кои во спротивно ќе останат подолго време во вашиот дом.
Доколку имате миленици во домот, важно е да користите детергенти кои не се токсични. Милениците се многу почувствителни на токсините кои се содржат во одредени детергенти отколку луѓето, па оттаму, премногу интензивните агенси можат да им го загрозат здравјето. Пред да започнете со користење на одреден детергент, секогаш добро проучете ја етикетата, а доколку не ви се допаѓаат агресивните детергенти, тогаш можете да искористите некој од екстремно ефективните природни агенси, кои содржат сода бикарбона, алкохолен оцет и минерална вода.
Справете се со вирчињата
Дури и најдобро дресираните миленици понекогаш може да доживеат несреќен случај во домот, најчесто создавајќи вирче. Бришењето на вирчето го решава проблемот само на прв поглед, но наскоро последиците ќе станат очигледни на повеќе крајно непријатни начини. Дури и ако не можете да ги помирисате остатоците од урината подолго време, вашиот миленик ќе ги намириса и веројатно ќе уринира на истото место што пријатно му мириса и следниот пат. Важно е да се справите со ваквите случаи на правилен начин.
Прво, треба да го покриете вирчето со крпа или хартиени крпи, а потоа, откако течноста ќе се впие, да го измиете местото со вода, за да ја исчистите урината колку што е можно повеќе. Повторно исушете го местото со крпа, потурете го со минерална вода и потоа бришете со крпа додека потполно се исуши. Најдобро е да ставите крпа на вирчето и да згазнете одозгора или да ставите тешки книги врз крпата. Бидете трпеливи – на вирчето може да му бидат потребни и до неколку часа да се исуши, но ако почесто оставате влага на подот, тоа може да доведе до создавање мувлија.
Нанесете малку детергент наменет за чистење на неред од миленици, врз исушениот простор каде што претходно било вирчето. Ова ќе ги отстрани трагите од урината и ќе го неутрализира нерпијатниот мирис. Немате таков детергент во домот? Земете сода бикарбона. Наросете врз местото, оставете ја неколку часа и потоа исчистете го местото со правосмукалка.
Внимавајте – не користете детергенти со амоњак, затоа што тоа ќе го испровоцира вашиот миленик да направи ново вирче на истото место.
Справете се со влакната
Најголемиот проблем со милениците е проблемот со нивните влакна кои завршуваат во секој агол од вашиот дом, особено во сезоната кога се митарат. Но, лесно можете да се справите и со овој проблем. Ако вашиот миленик има омилено место за спиење, можете да му ставите ќебе или нешто слично, што лесно се пере во машина за перење и на тој начин редовно ќе се справувате со отпаднатите влакна.
Дали влакната од вашиот миленик често завршуваат на мебелот на кој седите или дури и на вашата облека? Совршена алатка за справување со овој проблем се обичните гумени ракавици за чистење. Нежно протријте ја површината прекриена со влакна и лесно ќе ги отстраните. Ако тоа не ви успее, обидете се со користење самолеплива лента.
Редовно мора да ги чистите отпаднатите влакна со правосмукалка, но и покрај тоа, понекогаш се случува индивидуалните влакна да не се поместуваат од површината. Во таквите случаи, користете антистатички спреј. Добро испрскајте ги таквите површини и потоа поминете ги со правосмукалка.
Најдобриот лек, секако е превентивата. Редовното чешлање на вашиот миленик ќе остави многу помалку влакна кои можат да паѓаат насекаде низ вашиот дом. Ако успеете да го навикнете вашиот миленик на звукот од правосмукалката, можете да се обидете повремено да го поминувате со правосмукалка, со што сосема ќе ги отстраните отпаднатите влакна од крзното. Не се двоумете, некои животни навистина уживаат во овој процес!
Бидете трпеливи
Ако вашиот миленик направи нешто што не треба, не го казнувајте венаш – најверојатно нема да разбере што згрешил, а стравот и стресот може да предизвикаат нови, почессти несреќни случаи. Доколку во последно време забележувате повеќе вирчиња и купчиња измет, можеби е време за посета на ветеринар, бидејќи тоа може да биде знак за некакво заболување или пак последица на процесот на стареење.
Ако вашиот миленик има проблеми со задржување на урината или изметот, тоа со текот на времето може да стане многу непријатно. Честото чистење можете да го избегнете со купување пелени за миленици, а кога сте дома, најдобрата превентивна мерка се редовните, долги прошетки, во кои двајцата уживате.