5 врвни трикови за чистење
Како да исчистите антилоп кожа?
Чевлите од антилоп кожа се удобни, пријатни за носење и обично изгледаат фантастично – но исто така се и вистински магнет за дамки, кои најчесто многу тешко се отстрануваат.
Најлесниот начин за чистење антилоп кожа е со чиста крпа, со која нежно ги протривате чевлите. Ако дамките на вашите чевли се влажни, прво треба добро да ги исушите со хартиена крпа. Дали чевлите се суви, а сè уште гледате дамки на нив? Земете гума за бришење и нежно избришете ги дамките!
Доколку ништо од ова не функционира, можете да се обидете со следниов трик: потопете чиста крпа во алкохолен оцет и внимателно исчистете ги чевлите. Но, не користете агресвини хемиски агенси за чистење чевли од антилоп кожа, бидејќи тоа може многу брзо да ја уништи бојата на чевлите, што ќе резултира со чевли со многу дамки, кои потоа ќе можете да ги носите единствено на маскенбал.
Како да отстраните дамки од крв?
Дали вашето дете се изгребало на коленото и сега има бели панталони со дамки од крв? Или пак сте се разбудиле среде ноќ поради тоа што ви течело крв од носот, па сега белата постелнина ви е прекриена со црвени дамки?
Ако дамките од крв се свежи, треба добро да ги потопите материјалите на кои се наоѓаат дамките во студена вода. Мијте ја дамката онолку пати колку што е потребно за повеќе да не се познава на ткаенината, а потоа исперете ги алиштата по вообичаената процедура. Ако ја забележите дамката на време, процедурата за чистење е навистина едноставна.
Ако дамките од крв веќе се засушени, ќе треба малку да се помачите. Прво, потопете ја ткаенината на која има дамки во студена вода, во која претходно сте додале малку сол. Оставете ја ткаенината да откисне во солената вода барем неколку часа. Потоа потопете ја ткаенината во обична студена вода, во која претходно сте додале малку амоњак и пероксид. Дамките по ова би требало да исчезнат, по што треба да ја исперете облеката по вообичаената процедура.
Ако дамките се тврдокорни и се сè уште присутни на вашата облека, на располагање ви стојат уште неколку потенцијални решенија. Обидете се со користење на средство за избелување! Дали ткаенината е памучна? Понекогаш може да помогне и користењето на обичен шампон.
Како да ги одржите белите алишта навистина бели?
Белите алишта со текот на времето започнуваат да ја губат белината и стануваат сивкасти или жолтеникави, што воопшто не изгледа привлечно. Затоа, треба да се осигурате дека вашата облека ќе остане вистински бела.
Пазарот е преплавен со детергенти кои доаѓаат со ветување дека ќе го направат токму тоа, но белината можете да ја одржите и со неколку домашни рецепти. Ако водата во вашето место на живеење е тврда, тоа може да претставува проблем. Обидете се да користите за нијанса повеќе детергент од обично и можеби ќе се изненадите од резултатите.
Ако ова не ги даде посакуваните резултати, спасот можете да го побарате во лимоните! Потопете ги алиштата во мешавина од вода и сок од лимон, оставете ги да откиснат преку ноќта и додајте ја смесата во машината за перење пред да ги перете алиштата. Дополнителен трик: Ако сакате белата облека да биде навистина бела, сушете ги алиштата на сонце, затоа што сончевата светлина совршено ги избелува алиштата и гарантира дека секогаш ќе имаат свеж изглед.
Како темелно да ја исчистите рерната?
Чистењето на рерната веројатно е едно од нештата кои најмалку сакате да ги правите. Многу напорна работа, а резултатот никогаш не е онаков каков што сте посакувале. Но, сега ќе биде сосема различно!
Рерната е најдобро да се чисти тековно: почекајте да се излади и избришете ги евентуалните остатоци од храна во неа, користејќи влажна ткаенина. На овој начин ќе завршите најголем дел од работата пред остатоците да се стврднат и исушат, што потоа значително го отежнува процесот на чистење.
Ако возот веќе заминал, ќе треба да поработите малку понапорно. Користете добар агенс за чистење рерни (не заборавајте да ставите ракавици, затоа што таквите детергенти обично се многу абразивни!) или пак можете да се одлучите за чистење на поприроден и поеколошки начин – со сода бикарбона.
Земете празно шише со додаток за прскање. Наполнете го до половина со вода и додајте 4 супени лажици сода бикарбона. Добро протресете го шишето за сода бикарбоната да се стопи и потоа попрскајте со растворот. Потоа, избришете ја рерната со влажна крпа. Најверојатно ќе биде потребно да ја повторите процедурата неколку пати (во зависност од тоа колку е валкана рерната), но дефинитивно ќе заштедите пари, а воедно и планетата ќе ви биде благодарна.
Како темелно да го исчистите садоперот?
Садоперот преживува многу во својот релативно краток животен век: бигор од тврдата вода, остатоци од храна, масти од готвењето – сето ова создава совршена средина за насобирање нечистотија, но и за размножување на бактерии и вируси.
Ако садоперот е изработен од керамички материјали или пак од лиено железо, најдобро е да го чистите со неразреден алкохолен оцет. Тоа темелно ќе го исчисти. Едноставно натопете ткаенината со алкохолен оцет и бришете го садоперот додека се исуши. Ова е екстремно ефективен начин на чистење, а во исто време е и безбеден за вас и вашето семејство, како и за животната средина.
Дали вашиот садопер е изработен од не’рѓосувачки челик? Овој материјал е многу почувствителен и бргу реагира при контакт со најразлични супстанци, поради што најдобро е да го чистите со специјален агенс за чистење, наменет токму за такви површини, за да бидете сигурни дека нема да го оштетите.