Забава за вас и вашето дете
Живееме во динамично време во кое како родители имаме се помалку време за себе и за своите деца. Се враќаме изморени од работа со желба да погледнеме некоја добра ТВ серија или да се напиеме кафе со својот партнер, а при тоа забораваме на најважната работа – нашите деца.
Забораваме дека детето има свои интереси и желби и пред се ја има потребата од нас.
Играта и дружењето со децата не треба да претставува товар, туку пријатен момент на зближување и збогатување на односите меѓу родителот и детето.
Во големите градови, постојат многу интересни места каде што децата ќе можат да се забавуваат, како игротеки, паркови, детски игралишта и слично. Но, ваквиот начин на забава не им овозможува да ја задоволат својата потреба - да споделат нешто со нас. Затоа останете дома, опуштете се и уживајте во новите техники на играње создадени само за вас и вашето дете. Верувајте дека со овие идеи би можеле одлично да се забавувате.
Можете сами да направите куќичка или шатор.
За тоа ви се потребни стар чаршав, неколку столици или маса, задолжително батериска ламба, импровизирана вреќа за спиење... И препуштете и се на фантазијата.
Сами направете кукли што се навлекуваат на рака. Може да ги направите од стари чорапи, хартиени кеси, стари копчиња, парталчиња, сунѓерчиња, стапчиња итн. За почеток заедно со вашето дете тргнете во набавка на потребните елементи кои сигурно се кријат некаде во вашиот дом. Дозволете му на детето да биде креативен водач на тимот. Кога куклата ќе биде готова направете мала сцена од картон, стиропор и слично, сето тоа добро обојте го и на играта ќе и нема крај.
- Купете пластелин, глина или пак сами направете од брашно, многу сол и вода. Моделирајте, правете рамки за вашите омилени фотографии, украсни привезоци за подарок ...
- Играјте игри со погодување. Имитирајте животни, некои свои роднини или пријатели. Детето нека погодува, а потоа заменете ги улогите.
- Поканете неколку другарчиња, организирајте некоја заедничка игра како домино, не лути се човече, карти... Играјте и вие со нив, забавувајте се, дозволете си себе малку одмор од секојдневните обврски.
- Правете колачи, заедно украсувајте ги, испечете ги и потоа се разбира може заедно и да ги пробате.
- Читајте сликовници, раскажувајте, цртајте, пејте и играјте. Забавувајте се со вашите деца. Отворете и пат на детската фантазија и ќе видите колку исполнето и одморено ќе се чувствувате потоа. Овие игри ќе му помогнат на детето да се чувствува важно и сакано, да почувствува дека е дел од едно семејство кое ќе биде секогаш отворено и полно со љубов за него.