Вежбајте на работа и останете здрави
Ако немате време за вежбање рано наутро, не морате да одите на џогирање во 7 часот наутро или попладне да брзате во теретана... Канцелариските работници кои сакаат да ја намалат телесната тежина треба да станат кога зборуваат на телефон, да отидат кај колегите наместо да им пишуваат мејл. Ова се само дел од правилата за вежбање на работа кои ќе Ви го подобрат здравјето.
Во Велика Британија Владата донесе нови препораки за одржувањето на здравјето на работниците во канцеларија, со што ќе се намали процентот на луѓе со прекумерна телесна тежина и ќе се подобри општото здравје.
Препораките вклучуваат: одење на работа пеш или со велосипед, користење на скалите наместо чекање на лифтовите, станување на секои 30 до 40 минути, итн.
Во просек, само една третина од сите возрасни луѓе ја спроведуваат препорачаната физичка активност – најмалку 30 минути дневно, најмалку 5 дена неделно. Приближно 60 проценти од сите возрасни луѓе имаат или благо зголемена или прекумерна телесна тежина, а до 2050 се предвидува дека таа бројка може да се зголеми и до 90 проценти. Оптимално, секој возрасен човек би требало да цели кон секојдневно вежбање (трчање, велосипедизам, пешачење, макар и косење на тревникот), а во текот на работната недела треба да си обезбеди барем 2 и пол часа минимална физичка активност, вклучувајќи и две активности што ги зацврстуваат мускулите (дигање тегови, склекови итн.).
Но, постојат периоди кога презафатеноста не Ви овозможува да одвоите доволно време од распоредот, дури ни за минимумот физичка активност.
Токму затоа, се препорачува вметнување физичка активност во текот на канцелариската работа: -На секои 30 до 40 минути станете за да го прекинете седењето. Станувајте и кога зборувате на телефон; -Не го чекајте лифтот, одете по скалите. Исто така, пешачете на работа, а ако не сте во можност да го правите тоа, барем одете пеш до продавница; -Наместо да им праќате мејлови на колегите, отидете кај нив и позборувајте лично; -Искористете го секој слободен миг да ги растегнете нозете, макар и со одење до тоалетот.
Можеби не Ви се чини дека калориите што на овој начин ги трошите можат да направат разлика, но кога ќе ги соберете, на подолг рок, тоа навистина ќе има значење.