Земја на оган и мраз
Едно од поважните животни правила кое треба да го прифатите што порано, е следново: барем еднаш годишно да отидете на место каде што не сте биле никогаш претходно. Ќе се вратите како потполно нови, токму како што ќе биде ново и искуството кое таму ќе го доживеете.
ЗЕМЈА НА ОГАН И МРАЗ
За луѓето желни за туристички атракции како гледање додека вулкан или гејзер исфрлаат лава, одењето на Исланд е вистинска авантура. И за сите оние кои сакаат здрав живот, чист воздух, кои копнеат за закрепнување на духот и телото во природни геотремални бањи-оваа земја е вистински предизвик.
Едно од поважните животни правила кое треба да го прифатите што порано, е следново: барем еднаш годишно да отидете на место каде што не сте биле никогаш претходно. Ќе се вратите како потполно нови, токму како што ќе биде ново и искуството кое таму ќе го доживеете. Да се отпатува на Исланд, за повеќето луѓе од Македонија, значи да се отиде на место каде што не биле никогаш порано. Секако, директен лет нема, па единствена замена се врските Скопје-Љубљана-Франкфурт-Рејкјавик и Скопје-Цирих-Копанхаген-Рејкјавик.
Земја на мразот
Исланд, во буквален превод значи-Земја на Мразот. Во овој период, вообичаената температура е 12-14 степени, што за мерилата на Исланѓаните, е вистинско летно време. Инаку, во Рејкјавик, главниот град на Исланд, просечната температура годишно се движи од -10 до +10, а во внатрешноста на земјата е уште постудено. Сепак, Исланѓаните сакаат да истакнат дека на пример, кај нив зиме е потопло отколку во Њујорк и дека во Рејкјавик се живее „живот како во фрижидер‘, што значи дека не сте изложени на големи температурни разлики. На целиот остров, климата се разликува, поради распоредот на планините и океаните. Поради влијанието на океанот на југ, климата е атлантска, а во внатрешноста и на север е субполарна и планинска.
Значи, Исланд е сè само не „веќе видено„. Се протега на 103.000км2, а од Копенхаген на пример, до Рејкјавик се стига за 2,5 часа со авион. Неговиот главен град е најсеверната престолнина на светот и најзападната во Европа. Рејкјавик во превод значи „зачаден залив„ а името го добил поради пареата која извира од земјата. Тоа е град со многу зеленило, бројни геотермални извори и многу чист воздух. Во него живеат 185.000 жители или 65% од вкупниот број Исланѓани, а оваа земја е една од најретко населените во светот.
Висок стандард, високи цени, ама струја „без пари„
Но, стандардот на Исланд е на завидно ниво-според БНД се 4-ти на светот, што значи дека нивните плати се доста високи – тоа подразбира зголемен број на имигранти од сите страни на светот. Од бивша Југославија, најбројни се Босанците. Сепак, работните или визите за престој се издаваат со договорот за работа кој компанијата го потпишува со доселеникот. А компаниите ќе ве примат само ако вашата струка им е неопходна. На пример, најголем број луѓе се вработени во Универзитетската државна болница (околу 3000), но имаат недостаток од медицински сестри. Тие се едни од ретките кои не се сосем задоволни од примањата, па летово планираат штрајк, иако во тој период се очекуваат раѓање на деца дури 50% повеќе од обично. Според најновите податоци, секој месец на Исланд се доселуваат околу 1000 дојденци, кои придонесуваат за поголем наталитет на островот. Но, меѓу народот, неретко се слуша и дека приказните за висок стандард се малку „надуени„ бидејќи многубројни се оние кои работат на неколку места за да живеат пристоен живот.
Цените се многу високи – храната е 30% поскапа отколку во Западна Европа, а за некој посериозен шопинг и не помислувајте. Едно кафе во центарот на Рејкјавик е 6 евра, а лесен „брз„ ручек – дури 30 евра. Но, затоа пак, греењето, на пример, е евтино бидејќи земјата е богата со гејзери, извори на врела вода. И воопшто струјата е евтина, бидејќи на Исланд има многу реки и водопади кои се користат за производство на струја.
Туристички атракции
Последниве неколку години Исланд доживува вистински „туристички бум„ – го посетуваат туристи од цел свет, поради интересните атракции кои можат да се видат токму овде.
Како остров, Исланд е геолошки многу активен и населен е последен од сите европски земји. На насловните страни на светските весници, често се наоѓа поради вулканските ерупции. Последната ерупција била 2004-та година, кога вулканот Гримсвот со денови праќал димни сигнали, а висината на исфрлениот пепел достигнала и по 12.000 метри. Имаат 140 вулкани, од кои 25 се активни. Туристите го посетуваат и Елдхаун, најголемото поле на лава во светот, потоа водопадот Гулфос, кој е чудо на природата, потоа заштитниот знак на Рејкјавик -Хакигримската црква...
Уживајте во топлите гејзери
... но најмногу геотермалните плажи со топла вода во Наутхолсвик кои се на 15 минути одење пеш од центарот на градот... Најпопуларната геотермална бања е секако „Сината лагуна„ која се наоѓа на половина пат меѓу аеродромот Кефлавик и Рејкјавик. Капењето во оваа вода чија температура е преку 30 Ц се препорачува најмногу до 45 минути и е исклучително благотворна. Кога ќе излезете од водата, ќе се чувствувате барем 5 кг полесни. За „лифтинг и чистење на лицето„ се користат бели, сумпорни маски, кои се сместени во дрвени каци на работ на лагуната и се држат само 10-тина минути на лицето. Ефектот е неверојатен.
Затоа, не е чудно што туристичките фанатици брзаат на Исланд. Земјата е незагадена, воздухот е неверојатно чист, а храната исклучително здрава. Исланд е рај за љубителите на лосос. За типичните Балканци – таму се подготвува одлично јагнешко.