Брзи совети за празнично разубавување на домот
Со помош на овие брзи и едноставни совети за декорација, ќе можете да го разубавите својот дом, без многу мака и без да потрошите цело богатство...
Осветлете ја бањата
Можеби мислите дека бањата треба да биде здодевно сина или пак потполно бела, но за време на празниците можете да ја разубавите со едноставно поставување на некои интересни завеси над кадата во живописни бои. Ова нема да ве чини повеќе од 200 денари, а ќе направи многу за целокупната атмосфера.
Справете се со нередот
Пред да започне сезоната на гости, потребно е целосно да го исчистите домот. Ако имате премногу нешта кои не го нашле своето место во плакарите, тогаш ќе треба да пронајдете соодветна алтернатива. Купете кутии за складирање и добро затворете ја старата облека. Потоа можете да ја оставите и во гаража или подрум на неколку дена, откако ќе бидете сигурни дека ништо нема да може да ѝ се случи.
Поставете празнично чергиче
Можеби веќе имате чергиче за бришење чевли пред вратата, но дури и да е така, можете да го освежите и овој детаљ од вашиот дом. Купете си чергиче со празнична тематика и поставете го пред прагот непосредно пред празниците. Тоа ќе измами насмевка од вашите гости, но и од луѓето кои ви заѕвонуваат на врата по службена должност.
Дополнителни места за седење
Несомнено ќе имате многу гости оваа Нова година, па затоа сега е вистинското време да размислите дали имате доволно места за седење, доколку се случи да дојдат повеќе гости во исто време. Можете да купите нови, пластични столови или пак да извадите стари столови од гаражата, да ги исчистите и соодветно да ги прекриете. За што и да се одлучите, трудете се да ја завршите и оваа обврска порано, пред да започнат гужвите.