Искористете ја пролетта и влезете во форма
Сезоната на костимите за капење опасно се наближува. Сѐ подолгите, сончеви денови се совршени за повторно да влезете во форма, по долгата, заспана зима. Ако не сте љубител на вежбањето, тогаш уживајте во полесните активности што ќе Ви донесат резултати.
Еден час танцување согорува помеѓу 250 и 500 калории
Без разлика кој танц Ви е омилен, размрдувањето на телото во ритамот на музиката е еден од подобрите начини за влегување во форма. Динамичноста на танцувањето може да Ви помогне да ги засилите мускулите на јадрото (стомачни и грбни мускули), да ја подобрите рамнотежата и да го тонирате целото тело.
Ако не сакате да танцувате во јавност, од која било причина, пуштете си ја омилената музика во приватноста на Вашиот дом и започнете да го движите телото според ритамот. Еден час зумба танцување, на пример, може да согори и до 500 калории.
Но, тоа не е единствената придобивка од танцувањето. Музиката и танцот може значително да Ви го подобрат расположението и да го покачат нивото на невротрансмитерот серотонин, хемикалијата којашто го предизвикува чувството на среќа во мозокот.
Еден час пешачење со умерено темпо согорува помеѓу 275 и 415 калории
Нашите тела се генетски предодредени за движење, а не за седење пред биро цел ден. Ако не сакате да се соочите со здравствени проблеми, покрај визуелните, тогаш едноставно мора да се придвижите. Започнете ја пролетта со пешачење со умерено темпо, по само 20 минути дневно. Секој нареден ден додавајте по неколку минути, додека стигнете до еден час.
Нежната, но ефикасна физичка активност ќе има позитивно влијание на Вашето срце, ќе го подобри варењето на храната, ќе го зголеми нивото на енергија и можеби најважно – ќе го забрза метаболизмот. Тоа значи дека организмот ќе согорува повеќе калории секојдневно, па така многу побргу ќе можете да стигнете до посакуваната форма на време за сезоната на плажите.
За да не Ви биде здодевно, пешачете со пријател или пак со куче, истражувајте нови патеки, шетајте низ природа, па дури и низ некој трговски центар.