Нема производи во вашата кошничка.

Идеи за домашна пица

Пицата, познат италијански специјалитет, со години веќе е омилена храна и кај нас, посебно кај младите. Иако кај нас има доста пицерии кои одлично ја подготвуваат, многумина велат дека најдобра е домашната пица, со фил по сопствен вкус.

ИДЕИ ЗА ДОМАШНА ПИЦА

Пицата, познат италијански специјалитет, со години веќе е омилена храна и кај нас, посебно кај младите. Иако кај нас има доста пицерии кои одлично ја подготвуваат, многумина велат дека најдобра е домашната пица, со фил по сопствен вкус. Филот веќе одамна не е тајна – најтешко е да се направи добро тесто.

Класично кисело тесто

Во длабок сад истурете 100 гр.брашно, направете дупка во брашното и во неа истурете 50мл млака вода во која е растворен свеж квасец. Од ова измесете топче, ставете го на чинија, покријте го со крпа и нека отстои 20 минути.

Потоа на маса истурете уште 250 гр.брашно, во средина ставете го надигнатото топче тесто и рамна лажичка сол, силно почнете да месите и полека додавајте 100 мл млака вода. Месете додека тестото стане мазно и еластично. Повторно обликувајте топка, покријте ја со чиста крпа и оставете ја да расте додека не се дуплира. Кога ќе достигне двојна големина, пак измесете го и развлечете го со оклагија. Ставете го во округла тава подмачкана со масло, оставајќи ги рабовите малку подебели. Пред печење, тестото треба да се избоцка со вилушка.

Италијанско пица-тесто

Се меша 500 гр брашно со рамна лажичка сол, со лажичка шеќер и кесичка сув квасец и млака вода онолку колку е потребно за меко тесто. Потоа, постепено, се додаваат 5 лажици масло, додека тестото не се соедини. Тестото се витка во фолија и се остава 30 минути во фрижидер. Потоа се вади, уште малку се меси и со оклагија се развлекува на дебелина од 0,5 см, се става во плех, му се подигнуваат рабовите и се филува.

Масно тесто за пица

Се меси тесто од 250 гр.брашно, 1 лажица маслиново масло, половина лажичка сол и 125 мл вода, добро се меси и се остава 1 час на ладно. Потоа се развлекува во кора, тенко се премачкува со масло, се преклопува 2-3 пати и се остава уште 10 минути. Оваа постапка се повторува уште 2 пати. Потоа се развлекува, се става во подмачкана тава и му се подигнуваат рабовите.

Американско тесто за пица

Со миксер пенесто се матат 150гр.маргарин (или маст) со 3 лажици студена вода. Потоа миксерот се става на најслаба брзина, со матење се додаваат 250 гр.брашно и сол на врв на нож, па кога смесата ќе се изедначи, да се продолжи со матење уште неколку минути на поголема брзина. Готовото тесто да се стави на маса посипана со брашно, уште малку да се размеси со раце, а потоа да се завитка во фолија и да се стави 30 мин во фрижидер.

ФИЛОВИ ЗА ПИЦИ: (количините одговараат на предложените теста)

  1. 2 конзерви инчун, 150гр.црни маслинки, 1-2 цреви пиперки, 150 гр.рендано гауда сирење, 1 главица лук, кечап, масло, оригано
  2. 200 гр.сув врат, 4 тврдо варени јајца, 300 гр.домати, 200 гр.моцарела, масло, оригано, бибер
  3. 150 гр.чадена сланина, 600 гр.ситно сечкани домати, 3 чешниња лук, 2-3 лути пиперчиња, 100 гр.овчко сирење, 2 главици кромид
  4. 250 гр.печурки буковки, 200 гр.моцарела, 2лажици оригано, 300гр.домати