Нема производи во вашата кошничка.

Превентивни мерки за заштита од грип кои не функционираат

Сосема е нормално да сакате да се заштитите од грипот во текот на оваа сезона на грипови и настинки, со оглед на драстичноста на одредени случаи на грип. Но, пред да започнете со имплементација на планот за заштита, треба да бидете сигурни дека методите што ги користите функционираат.

Вакцината не е доволна сама по себе

Вакцината против грип се смета за најдобра превентива, но тоа не значи дека гарантирано нема да се разболите. Сегашната вакцина за грип е добра, но не е оптимална. Таа може да се смета како безбедносен ремен – ако ја имате не значи дека нема да се разболите, но ако се разболите, сигурно ќе поминете подобро отколку без неа.

Не се штитете со раце при кивање

Подобро е да кивнете во рацете, отколку во воздухот и да ги раширите бацилите на сите околу вас. Но, кога се штитите со раце, потоа огромни се шансите да ги пренесете бацилите со допир, фаќајќи квака или заеднички телефон, дури и при ракување со колегите. За да ги заштитите луѓето околу вас, кивајте или во марамче или пак во надлактицата.

Пребрзото миење на рацете не е ефикасно

Сите знаеме дека миењето на рацете е една од најдобрите техники за заштита од грип и настинки. Но, голем дел од луѓето не се мијат доволно долго или се мијат несоодветно, што ја прави оваа хигиенска навика неефикасна. Кога ги миете рацете, мора да триете со сапун најмалку 20 секунди, да ги истриете сите делови, внатрешната страна, надворешната страна и просторот помеѓу прстите и потоа добро да ги исплакните дланките.

Не се потпирајте на антибактерискиот сапун

Пациентите инстинктивно бараат антибиотици за симптомите, но општо познат факт е дека гриповите и настинките се вируси, врз кои антибиотиците немаат никакво дејство. Истото важи и за антибактериските сапуни. Сѐ уште најефикасен начин за дезинфекција на рацете се средствата на база на алкохол.

Не се потпирајте на витаминот Ц

Не постојат докази кои покажуваат дека витаминот Ц ќе спречи да се разболите, но овој мит сѐ уште е доста популарен. Иако не обезбедува дополнителна заштита од грип и настинки, сепак овој витамин е исклучително важен за здравјето на луѓето, особено пушачите и оние што се подложени на чест физички напор. За да не се доведете во ситуација додатоците од витамин Ц да ви наштетат, земајте ги со многу течности.

Не пијте премногу сок од портокал

Доаѓа сезоната на грипови и настинки и вие веднаш посегнувате по сокот од портокал, поради високата концентрација на витамин Ц, што сега знаете дека не е ефикасна заштита. Секако дека на телото му е потребна поголема количина течности, но внимавајте, најголем дел од соковите доаѓаат со огромна количина празни калории, а воедно, додадениот шеќер може да го наруши нормалното функционирање на имунолошкиот систем.