Со грозје до зачувување на вашата убавина
Грозјето се одгледувало и користело уште во античкиот период од страна на Египќаните, Римјаните и Грците кои ги познавале лековитите својства на неферментираниот гроздов сок. Така мажите биле дарувани со вино, а жените со гггрозје за зачувување на младоста и убавината.
Во зрното на грозјето не се крие само вистината туку и убавината. Докажано е дека грозјето е богато со состојки кои се од големо значење за постигнување и чување на убавината, здравјето и младалачкиот изглед на кожата. Благодарејќи на многуте витамини А, Б, Ц и Е, минерали како натриум, фосфор, калциум, калиум, железо, магнезиум, овошните киселини, грозјето ја заштитува кожата од стареење и со право се нарекува ѕвезда во козметичата индустрија. Затоа уживајте во мирисот и вкусот на ова овошје и подгответе некои од следниве козметички маски.
Маска за релаксација
За освежување и релаксација по напорниот работен ден измешајте маска од една лажица сок од грозје, мед, брашно и маслиново масло и нанесете го на лицето.Маската држете ја 20 минути, а потоа измијте го лицето со млака вода.
Маска против брчки
Измешајте едно јајце со три лажици слатка павлака, сок од половина лимон и една лажица гроздов шеќер кој можете да го најдете во билната аптека. Маската нанесете ја на лицето и после 30 минути измијте го лицето со топла вода.
Тоник за зацврстување и освежување на кожата
Тоникот можете да го направите од две раце гроздови зрна на кои претходно сте им ја извадиле кожинката и направте каша од нив во блендер. Натопете го лицето и после 10 минути измијте го со млака вода.
Маска за пилинг на лицето
Со овој пилинг можете успешно да ги отстраните мртвите клетки од лицето. За таа цел измешајте 5-7 зрна кои ќе ги изгмечите со една лажица пченични никулци и малку сок од грозје. Маската нанесете ја на лицето со кружни движења и потоа добро измијте го лицето со млака вода.
Тоник за изморена кожа
Ако имате проблем со проширени пори и изморена кожа, натопите памук во свежо исцеден сок од грозје и обложете го на лицето, после 20 минути лицето измијте го со ладна вода. Истиот ефект се постигнува и ако лицето го истриете со изгмеченени зрна грозје.
Грозје против вишок на килограми
Освен за постигнување на убава кожа, грозјето е идеално и за постигнување на идеална тежина. За таа цел 500 г грозје распоредете го во текот на цела недела во комбинација со уште неколку здрави, нискокалорични продукти. Наутро и навечер јадете едно парче леб со малку сирење и мед, а попладне може варен компир.
Купување и чување
При купување на грозје, одберете гроздови со зрели, неоштетени и цврсти зрна со еднаква боја кои цврсто се држат на стеблото. Блажината на грозјето можете да ја одредите според неговата боја. Зелените сорти треба да имаат жуткаста нијанса, црвеното мора да биде без траги на зелена боја, додека темните сорти треба да имаат изразена темна боја.
Бидејќи грозјето многу лесно се расипува и ферментира на собна температура, потребно е да го чувате во картонска кеса која ќе ја ставите во пластична кеса во фрижидер неколку денови.
Подолго време грозјето може да го чувате во фрижидер за замрзнување. Измијте го, одвојте ги зрната и исушете ги. Потоа ставете ги на алуминиумска фолија и замрзнете ги.