Нема производи во вашата кошничка.

Ајвар - македонскиот кавијар

За вистинскиот есенски мирис во воздухот, овој број на Топ Шоп Е-магазинот неможе да помине без рецепт за Ајвар т.е. два рецепти – еден за потрадиционалното подготвување на нашиот светски познат, а другиот за оние кои живеат во стан и не смеат да ги извадат ќумбињата пред зграда.

Ајвар бр.1

Состојки

  • 100 црвени пиперки (што „помеснати“ - тоа подобро)
  • 400 мл. зејтин
  • 2-3 лажици вински оцет (може и обичен)
  • сол (по желба)

За количина

13 тегли од 1 кг.

Подготвување

Пиперките треба да се измијат, избришат и испечат. Печените пиперки се ставаат во метален сад (може и најлонска кеса) и се покриваат со капак, за да се „спарат“ и потоа полесно да се лупат. Штом ќе се оладат, се лупат и им се вадат семчињата и дршките. Се ставаат во мрежеста вреќа и се закачуваат на некое место каде ќе можат да се цедат до следниот ден...

Следниот ден се мелат во машина за месо и се ставаат во големо и широко тенџере, претходно премачкано со малку зејтин. Останатиот зејтин треба добро да се загрее, а потоа со него да се прелијат мелените пиперки. Пиперките така прелеани со зејтин и покриени со капак, треба да отстојат 15 минути.

Потоа тенџерето се става на оган и се започнува со пржењето на ајварот.

Ајварот се пржи на висока температура, со постојано мешање и тоа околу два часа од моментот кога ќе зоврие. Кога со дрвената лажица поминувате низ смесата и останува широка видлива трага – тоа Ви е доказ дека ајварот е готов.

Кога е готов, се трга од огнот и се додаваат оцетот и солта. Откако добро ќе се промеша, додека е уште врел се сипува во врели, стерилизирани тегли (во рерна, околу 30 минути на 100 °C). При полнењето внимавајте да има празен простор од околу 1 сантиметар до врвот на теглата. Теглите, наполнети, вратете ги во рерна (100 °C) уште два часа.

Кога ќе ги извадите, врз ајварот налејте уште по малку зејтин, затворете ги теглите со стерилизирани херметички (или други) капачиња, убаво завиткајте ги во некоја ткаенина (на пр. ќебе) и оставете ги да „отседат“ до следниот ден. Следниот ден ставете ги теглите со ајвар да се чуваат на суво и темно место.

Ајвар бр.2

Состојки

  • 5 kg црвени пиперки
  • 2 kg домати
  • 1 главица лук
  • 0.75l зејтин
  • 4 лути феферонки
  • сол, бибер
  • (по желба можете да додадете и модар домат, моркови...)

Подготовка

  1. Пиперките се мијат и сушат. Потоа се печат во рерна (220°C), рамномерно од сите страни.
  2. Пиперките се печени кога ќе потемнат и кога лушпата ќе почне да се одвојува.
  3. Потоа се ставаат во најлонска кеса да отстојат околу 20 минути.
  4. Се лупат, се вадат семчињата и се оставаат да се исцедат.
  5. Доматите исто така се печат во рерна и се лупат кога ќе се оладат.
  6. Исцедените пиперки, домати, лук, феферони се мелат.
  7. Измелени се ставаат во соодветно тенџере заедно со 2/3 од зејтинот, потоа сол и бибер по желба).
  8. Се пржи на умерена температура околу 2 часа со постојано мешање.
  9. На половина од пржењето се додава остатокот од зејтинот и по потреба се додава уште сол и бибер.
  10. Ајварот е готов кога смесата ќе стане компактна т.е. кога течноста ќе испари и при мешањето ќе се познава цврста и видлива трага.
  11. Се става во теглите, кои претходно треба да се измијат и стерилизираат (во рерна, околу 30 минути на 100 °C).
  12. Теглите полни се враќаат во рерна на 20 минути за да се запече површинскиот слој.
  13. Теглите се вадат од рерна и врз ајварот се истура по малку зејтин.

Теглите добро се затвораат со метални капачиња и се ставаат во исклучена, но претходно загреана рерна на 150°C за да полека се ладат до следниот ден.